Аргентинските власти ги обвинија организираните „мафии“ за промовирање породилен туризам во јужноамериканската земја за идните мајки од Русија. Овие изјави доаѓаат во време кога бројот на бремени Русинки кои пристигнале во Аргентина изминатава година додека трае руската инвазија врз Украина е во пораст.
Илјадници идни руски мајки пристигнаа во Аргентина во текот на минатата година, вклучително и 33 со еден лет минатата недела, што го привлече вниманието на властите кон овој тренд. Некои од нив се приведени, а официјални лица започнаа акција против оваа практиката.
Шефицата на аргентинската канцеларија за имиграција Флоренсија Карињано, на својот официјален профил на социјалната мрежа Твитер напиша дека „мафијашките организации профитираат нудејќи пакети за да го добијат нашиот пасош на луѓе кои всушност не сакаат да живеат во нашата земја“.
Русите можат да патуваат во Аргентина без виза, каде на сите новороденчиња автоматски им се доделува државјанство, што ја прави атрактивна дестинација за таканаречениот породилен туризам.
„Откривме значително зголемување на влезот на руски државјани во последните месеци. Затоа решивме да истражиме и интервјуиравме 350 од нив кои беа во поодмината бременост“, изјави Карињано.
Видете и ова: Жените војници во Украина сонуваат слобода, се борат за опстанок„Во интервјуата откривме дека организарано на луѓето им нуди, во замена за голема сума пари, туристички пакет за раѓање со аргентински пасош како главна причина за патувањето“, додаде таа.
Карињано изјави дека канцеларијата за имиграција доставила податоци поврзани со случајот до судството на земјата со цел да го брани интегритетот на издавањето на пасошот на Аргентина.