Во Собранието почна дискусијата за предлогот за реконструкција на владиниот кабинет. Премиерот Димитар Ковачевски својот говор пред пратеници го започна со изразување сочувство за загинатите во земјотресите кои ги зафатија Турција и Сирија.
Тој изјави дека денешните одлуки за реконструкција на владиниот кабинет не е мотивирана од тесно партиски интереси на ниту една партија во Владата.
„За мене овие одлуки не се врзани и не смеат да бидат поврзани со желбите мотивите и барањата на кое било партиско раководство и затоа веднаш сакам да прецизирам дека денеска сите носиме одлука дали и како ќе останеме на единствениот пат на државата. Дали ќе останеме на патот на прогресот или како што сакаат дел од внатрешните и надворешните негативни фактори да ја втурнеме земјата во нова криза и нестабилност “ изјави Ковачевски.
Неговиот говор помина со бучно негодување од опозицијата. Тој пред пратениците изјави дека за него политиката не е математика, туку принципи и одговорности. Дополнително Ковачевски ја обвини опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица за „кочничар на европскиот пат на државата“. Тој и се заблагодари на Алтернатива за досегашната соработка и изрази жалење што ја оваа партија го напушти владејачкото мнозинство. Премиерот во својот говор најави и ветинг на сите функционери.
Видете и ова: Зголемување на парламентарното мнозинство – две напред едно назадНа дневен ред пред пратениците на 104 седница предлог за разрешување на министрите за здравство Беким Сали, за информатичко општество Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи. Според владиниот предлог на нивно место се очекува да бидат избрани Кренар Лога за министер за правда, Фатмир Меџити за министер за здравство, потоа за министер за инфоматичко општество Азир Алиу, и за животна средина Каја Шукова.
Претходно оставка си поднесоа министрите за правда Никола Тупанчевски и за животна средина Насер Нуредини.
Реконструкцијата на владиниот кабинет е за четворица министри и пет заменици министри, а следуваше по преговорите за приклучување на Алијансата за Албанците (АА) во владиното мнозинство.
За влезот во влада Алијанса за Албанците добива три министерства: Министерството за здравство, Министерството правда и Министерството за информатичко општество и администрација. Партијата исто така ќе ги добие заменичките министерски места за одбрана и за земјоделие, како и повеќе директорски позиции.
Влезот на партијата во влада доаѓа во период кога треба да се носат уставни измени кои се услов за продолжување на преговорите со Европската унија.