Алтернатива излегува од владината коалиција и ќе делува како опозиција, најави претседателот на партијата Африм Гаши по состанокот вечерва на Централно собрание во партиското седиште во Тетово.
„Донесовме конечна одлука. Одлучивме дека Алтернатива со сите функционери ќе биде опозициска партија“, рече Гаши.
На новинарско прашање тој најави дека ќе гласат за уставните измени. Одлуката на Алтернатива доаѓа по предлогот за реконструкцијата на Владата кој вчера го достави премиерот Димитар Ковачевски во Собранието.
Гаши денеска рече дека нивните довчерашни партнери ја преминале и последната етичка линија и немале трпение да ја почекаат одлуката на Централното собрание, а нивната забелешка е поради тоа што сметаат дека во јануари 2022 Алтернатива придонесе за стабилизација на Владата предводена од СДСМ.
„Тоа доволно говори за нивниот политички морал, ние денеска се собравме да ја донесеме нашата конечна одлука во однос на новонастанатите околности. Како што јавноста знае, во јануари 2022 година, Северна Македонија беше пред Хамлетовиот предизвик на својот пат кон Европската Унија“, рече Гаши.
Од СДСМ вчера порачаа дека Алтернатива и натаму е добредојдена да дава придонес во владината коалиција.
„Упатуваме порака до Алтернатива дека вратата за соработка е отворена и понатаму. Овие времиња се важни за европската иднина и за економските реформи и ги повикуваме да се издигнат над теснопартиските интереси и да размислат уште еднаш“, наведоа од СДСМ.
Алијанса за Албанците влегува во Владата по преговорите со Ковачевски и СДСМ. Овие партии се договорија Алијанса за Албанците да ги преземе министерствата кои досега го водеа министри од Алтернатива.
Видете и ова: В понеделник собраниска седница за реконструкција на ВладатаПретседателот на Собранието Талат Џафери за утре на 13 февруари ја свика 104 седница за реконструкција на Владата, како што соопшти собраниската прес-служба.
На дневен ред на седницата се предлог за разрешување на членови на Владата, предлог за избор на членови на Владата, како и за разрешување и именување на заменици министри.
Премиерот Ковачевски денеска изјави дека очекува конструктивна дебата утре во Собранието за реконструкцијата на Владата.
„Очекувам предлогот да биде усвоен од страна на мнозинството во Собранието и Владата да продолжи на остварувањето на програмата којашто ја има зацртано до редовните избори во 2024 година“, изјави Ковачевски.
За влезот во влада Алијанса за Албанците добива три министерства: Министерството за здравство, Министерството правда и Министерството за информатичко општество и администрација. Партијата исто така ќе ги добие заменичките министерски места за одбрана и за земјоделие, како и повеќе директорски позиции.
Видете и ова: Демократски сојуз - нема да поддржиме партнер во Влада ако се заканува со дестабилизацијаЗа влезот на Алијанса за Албанците во Владата се зборуваше повеќе месеци. Откако првично беше негирано, потоа и од владејачката коалиција и од самата партија информираа дека имало вакви разговори.
Влезот на партијата во влада доаѓа во период кога треба да се носат уставни измени кои се услов за продолжување на преговорите со Европската унија.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека претеничката група на опозицијата утре во 10 часот ќе има координација на која ќе одлучат како ќе настапат на собраниската седница за предлогот за реконструкција на Владата.