99 земји ѝ нудат помош на Турција по разорниот земјотрес 

Спасувачки vo потрагата по жртвите од земјотресот во Антакија, Турција, сабота, 11 февруари 2023 година.

Вкупно 99 земји нудат помош за Турција, а тимови од 68 земји се на терен, соопшти Министерството за надворешни работи на земјата.

На терен има 8.850 луѓе странски персонал, а се очекува да пристигнат уште 1.295.

Се очекува уште 14 земји да испратат тимови во зоната на катастрофата.

Спасувачите се уште трагаат по преживеани во урнатините, а бројот на загинати во Турција и Сирија надмина 28.000 и се очекува да продолжи да расте.

Турција вети дека темелно ќе ги истражи сите за кои постои сомневање дека се одговорни за уривањето на зградите во разорниот земјотрес пред речиси седум дена и веќе нареди притвор на 113 лица.

Видете и ова: Повеќе од 24.900 згради се уништени или оштетени во Турција

Шефот за помош на ОН Мартин Грифитс го опиша разорниот земјотрес што ја погоди јужна Турција и северозападна Сирија, како „најлошиот настан во последните 100 години во овој регион“.

Земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, беше регистриран рано изутрината на 6 февруари во близина на Газиантеп, Турција, во кој беше погодена и Сирија, а истиот ден попладнето се случи уште еден земјотрес со јачина од 7,5 степени.

По првиот земјотрес во понеделникот, наводно имало 1.891 последователни потреси.