Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас денеска пристигна во Турција за да им понуди поддршка на жителите погодени од разорниот земјотрес пред седум дена, соопшти грчкото Министерство.
Дендиас се сретна со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу пред да се качат на хеликоптери за областите погодени од земјотресот, пренесува АФП.
Неговото пристигнување е прва посета на европски министер на Турција, по земјотресот што ги погоди Турција и Сирија.
Видете и ова: Повеќе од 24.900 згради се уништени или оштетени во Турција„Би сакал да му пренесам на турското раководство и народот сочувството од Владата и целиот грчки народ за загубите по двата разорни земјотреси“, рече Дендиас.
Чавушоглу рече дека оваа посета ја покажува солидарноста на грчкиот народ со турското население.
„Грција беше една од првите земји што се јави и понуди помош на Турција по земјотресот“, додаде Чавушоглу.
Двајцата министри патуваат за Антакија, каде грчките спасувачи помагаат во операциите за пребарување и спасување. Министерството најави дека тој ќе ги посети и членовите на грчката хуманитарна мисија во земјава.
И покрај вековното ривалство со Турција, Грција беше меѓу првите европски земји што испрати спасувачи и хуманитарна помош, неколку часа по катастрофата.