Турција вети дека темелно ќе ги истражи сите за кои постои сомневање дека се одговорни за уривањето на зградите во разорниот земјотрес пред речиси седум дена и веќе нареди притвор на 113 лица.
Потпретседателот Фуат Октај рече дека 131 лице во моментов се осомничени дека се одговорни за уривањето на некои од илјадниците згради срамнети со земја во десет провинции.
„За 113 од нив се издадени налози за притвор. Ќе следиме внимателно додека не заврши судскиот процес, особено за зградите што претрпеа големи оштетувања и зградите што предизвикаа смрт и повреди“, изјави Октај на брифинг за новинарите во Анкара.
Видете и ова: Земјотресот во Турција и Сирија - најголема катастрофа во последните 100 годиниТој рече дека Министерството за правда формирало истражни канцеларии за испитување на смртните случаи и повредените.
Министерот за животна средина Мурат Курум рече дека 24.921 зграда се урнале или биле оштетени во земјотресот, а овие податоци се засноваат на проценките на повеќе од 170.000 згради.
Спасувачите се уште трагаат по преживеани во урнатините, а бројот на загинати во Турција и Сирија надмина 28.000 и се очекува да продолжи да расте.
Опозициските партии ја обвинија владата на турскиот претседател Таип Ердоган дека не ги спроведува градежните регулативи и дека ги злоупотребува специјалните даноци воведени по последниот голем земјотрес во 1999 година за да ги направи зградите поотпорни на земјотреси. Ердоган одговори дека опозицијата говори невистини само да ја критикува Владата.