Мандатот на Столтенберг во НАТО нема да биде продолжен

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе го заврши својот мандат во октомври кога ќе му истече, изјави портпаролката на НАТО, откако медиумите објавија дека се работи на дополнително продолжување.

„Мандатот на генералниот секретар Јенс Столтенберг беше продолжен три пати и тој беше на оваа позиција речиси девет години“, изјави доцна во саботата портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску, пишува АФП.

Таа објасни дека мандатот на генералниот секретар на НАТО истекува во октомври годинава и тој нема намера да бара ново продолжување.

Видете и ова: Столтенберг ја нагласи важноста на индо-пацифичките партнери во безбедносните тензии

Претходно германскиот весник „Велт ам Зонтаг“ објави дека мандатот на Столтенберг повторно ќе биде продолжен бидејќи алијансата се обидува да ја одржи стабилноста за време на војната во Украина.

Мандатот на Столтенберг во НАТО беше продолжен минатата година. Тој беше премиер на Норвешка од 2000 до 2001 година, како и од 2005 до 2013 година пред да стане шеф на НАТО следната година. Тој беше и норвешки министер за финансии и енергетика.

Се уште не е донесена одлука кој ќе го наследи Столтенберг, но шпанскиот премиер Педро Санчез и британскиот секретар за одбрана Бен Валас се меѓу водечките кандидати за оваа функција, пишува Велт, пренесува Ројтерс.