Во соопштение испратено до медиумите потпишано од Атанас Мазнев, се вели дека на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград му била одбиена регистрација откако на 7 февруари во Агенцијата за регистрација во Благоевград доставил документи за основање на истоименото здружение.
„Ова одбивање ќе го обжалиме пред судот“, се вели во соопштенито кое го објави бугарската новинска агенција БТА, пренесува МИА.
Во соопштението се вели дека клубот на 10 февруари добил решение за одбивање и се вели дека со тоа „на здружението му е ускратена легитимноста.
„Сметаме дека ова одбивање е непринципиелно. Во одбивањето е цитиран единствен правен текст - од Уставот на Република Бугарија - чл. 12, ст. 2, дека здруженијата на граѓани не можат да поставуваат политички цели и да вршат политички активности, кои ние, како што може да се види од горенаведените цели, не само што сме ги запазиле, туку и дополнително сме напишале експлицитно во статутите дека нашето здружение нема за цел вршење политичка дејност. Сепак, имаме одбивање за регистрација“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека целите на здружението декларирани од клубот се: „културна комуникација меѓу народите и земјите од Балканот, за мир и добрососедство, како и поддршка на универзалните човекови права, вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата“.
Видете и ова: МВР: Приведени неколку лица за оштетувањето на македонскиот клуб во БлагоевградОтворањето на културните клубови во Бугарија и во Македонија периодов предизвикаа тензиите во двете земји.
Во Македонија се отворија бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, а во Бугарија македонскиот клуб „Никола Вапцаров“. Во двете земји ова се доживува како провокација и на отворањето на клубовите имаше протести.
Пред една недела беше каменуван македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров“ во Бугарија, кој беше отворен во октомври лани кога исто така имаше тензична атмосфера при отварањето.
Нападот врз македонскиот клуб во Благоевград се случи на денот кога се одбележува 151 годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, на чие чествување во Скопје помина со вербални тензии, под силно полициско обезбедување и застој на граничните премини низ кои требаше да дојдат најавените Бугари во Скопје.
Претходно есклација имаше во изминативе недели, кога група Бугари во Скопје, ја славеа Мара Бунева и скандираа дека Македонија е бугарска, а на 19 јануари беше претепан македонскиот Бугарин Христијан Пендиков. Бугарските власти во инцидентот видоа злосторство од омраза и напад врз Бугарите во Македонија.
Видете и ова: Пендаровски - Најостро го осудува каменувањето на македонскиот клуб во БугаријаОдносите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година.
Минатото лето Бугарија, како и Македонија, го усвоија таканаречениот француски предлог и Софија го укина ветото за почеток на преговорите за влез на Северна Македонија во Европската унија (ЕУ).
За да почне отворањето на поглавјата со ЕУ како услов остана промена на Уставот на Македонија за да бидат вметнати Бугарите во Преамбулата. Во Македонија имаше протести поради усвојувањето на францускиот предлог.
Претходно и клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола беше цел на напад. Популарниот пејач Ламбе Алабаковски, ја запали вратата на клубот за што доби условна затворска казна.
Отворањето на бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид предизвикаа незадоволство и кај јавноста и кај политичарите во Македонија, кои ги оценија како провокација.
Во двете земји различно се толкуваат историски личности и настани од поблиското минато, што ги обременува односите меѓу двете земји.