В понеделник собраниска седница за реконструкција на Владата

Талат Џафери, претседател на Собрание.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за 13 февруари (понеделник) ја свика 104 седница за реконструкција на Владата, соопшти денеска собраниската прес-служба, откако премиерот Димитар Ковачевски го достави предлогот до Парламентот.

На дневен ред на седницата се предлог за разрешување на членови на Владата, предлог за избор на членови на Владата, како и за разрешување и именување на заменици министри.

Предлогот за реконструкцијата на Владата следува откако пред два дена Алијанса за Албанците го најави својот влез во Владата по преговорите со Ковачевски и СДСМ, а потврдата дојде од претседателот на Арбен Таравари по седницата на партиското Централно претседателство во Тетово.

За влезот во влада Алијанса за Албанците добива три министерства: Министерството за здравство, Министерството правда и Министерството за информатичко општество и администрација. Партијата исто така ќе ги добие заменичките министерски места за одбрана и за земјоделие, како и повеќе директорски позиции.

Видете и ова: Демократски сојуз - нема да поддржиме партнер во Влада ако се заканува со дестабилизација

Според наведените кадровски решенија во владиното соопштение, за министер за правда е предложен Кренар Лога.

За нов министер за здравство е предложен Фатмир Меџити, а за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

Смена ќе има и во Министерството за животна средина и просторно планирање за кое е предложена Каја Шукова.

Исто така, за заменик министер одбрана, предложен е Тирон Јајага, за заменичка-министерка за правда, предложена е Викторија Аврамовска-Мадиќ.

За заменичка на министерот за земјоделство шумарство и водостопанство е предложена Вјолца Бериша, додека за заменичка министерка за здравство Маја Манолева.

За заменик министер за образование и наука е предложен Агим Нихиу.

За влезот на Алијанса за Албанците во Владата се зборуваше повеќе месеци. Откако првично беше негирано, потоа и од владејачката коалиција и од самата партија информираа дека имало вакви разговори.

Влезот на Алијансата во влада доаѓа во период кога треба да се носат уставни измени кои се услов за продолжување на преговорите со Европската унија.