Во Турција 12 лица приведени поради срушени згради за време на земјотресот

Воздушна фотографија на која се прикажани срушени згради во Кахраманмарас, јужна Турција, сабота, 11 февруари 2023 година.

Турската полиција уапси 12 лица поради урнати згради во југоисточните провинции Газиантеп и Шанлиурфа, објавија денеска локалните медиуми по силниот земјотрес што ја погоди Турција.

Меѓу приведените има и изведувачи, објави новинската агенција ДХА.

Видете и ова: Земјотресот во Турција и Сирија - најголема катастрофа во последните 100 години

Најмалку 6.000 згради се урнаа по земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди регионот, при што загинаа речиси 25.000 луѓе.

Земјотресот беше регистриран рано изутрината на 6 февруари во близина на Газиантеп, Турција, а истиот ден попладнето се случи уште еден земјотрес со јачина од 7,5 степени.

По првиот земјотрес во понеделникот, наводно имало 1.891 последователни потреси.