Демократскиот сојуз денеска достави став до премиерот Димитар Ковачевски во врска со реконструкцијата на Владата и приклучувањето на Алијанса за Албанците, наведувајќи дека бара јавноста и партиите да бидат информирани со програмските определби на Алијанса за Албанците.
„Инаку, не сме подготвени да поддржиме нов партнер во Владата доколку се заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на Македонија, делејќи ги граѓаните по етничка основа околу најавените уставни промени“, велат од Демократскиот сојуз кој е дел од владината коалиција.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска го достави до Собранието предлогот за реконструкција на Владата, откако финишираа преговоите за влез на Алијанса за Аланците.
Видете и ова: Предлогот за реконструкција на Владата доставен во СобраниетоОд Демократскиот сојуз велат дека нивната партија ги афирмира приоритетите за кои и досега имала усогласени ставови со СДСМ, но дека за нивната реализација досега ништо не е направено.
Партијата наведува дека не се увоени измени и дополнување на Изборниот законик, со кои Македонија ќе биде една изборна единица, бидејќи како што наведува партијата, претседателот на Собранието го блокира и не ја закажува седницата за да започне расправа по истиот.
Од Демократскиот сојуз велат дека не е започната ниту „робусна и неселективна борба против тешките облици на криминал преку целосна департизација на институциите надлежни за откривање и сузбивање ка криминалот“, реформи на судскиот систем преку измени на Уставот со кои ќе се укине Уставниот амандман со кој се амнестирааат судиите од кривична одговорност за донесена одлука, но и дека нема транспарентност на скрининг процесот, формирање на фонд за младите од 2 отсто од Буџетот на РСМ.
„При формирањето (избор или реконструкција) на Владата и покрај тоа што се работи за политичка Влада, да се води сметка за компетентноста на кандидатите, за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, како и за имплементацијата на правилото на Бадентер и Балансерот при вработување. На правична застапеност на сите етнички заедници во изминатите 20 години инсистираше ДУИ, но со најавите за новиот состав на Владата нема гаранции дека тоа ќе се почитува“, велат од Демократскиот сојуз.
Инаку, Собранието денеска потврди дека го примило предлогот на Ковачевски за реконструкција на владата и дека ќе следуваат информации кога ќе биде закажана собраниска седница.
За влезот во влада, Алијанса за Албанците е предложено да добие три министерства: Министерството за здравство, Министерството правда и Министерството за информатичко општество и администрација. Партијата исто така ќе ги добие заменичките министерски места за одбрана и за земјоделие, како и повеќе директорски позиции.
По доставувањето на предлогот за реконструкција на Владата во Собранието, Алијанса за Албанците објави декларација во која наведува дека приклучувањето на партијата во Владата „се заснова на принципите на внатрешна демократија и демократизација на општеството, во време кога Северна Македонија се соочува со голем број на кризи, кои што сите ја одредуваат прозападната ориентација на земјата.“
„Алијанса за Албанците ја презема одговорноста како државотворна партија, убедена дека со искреност и чистота, со транспарентност и демократија ќе произведеме вредности и резултати, за доброто на граѓаните и за доброто на економијата, демократијата и правдата во Северна Македонија“, се вели во декларацијата.