Мора да се фокусираме да надминеме секакви евентуални бирократски или други препреки за да се најде трајно решение за набавка на лекови за луѓето со ретки заболувања, порача вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување на ТВ Сител
„Проблемот со набавка на лекови за ретки болести е од поодамна. За последниот случај имаше заклучок на Влада, имаше состаноци за да се реши проблемот, се најде решение, се донесе одлука на Влада дека ќе се излезе во пресрет и вчера се донесе одлука тоа да се реализира најбрзо што може“, рече Бесими.
Сите бегаат од одговорност, лек за само неколку пациенти со цистична фиброза
Како ќе се распредели лекот останува на лекарите да решат, додаде министерот.
„Јас не сум стручен ниту имам право да кажам што, како и на кого. Тоа го прават стручни лица во овој случај лекари. Треба да се најде трајно решение и за други случаи што може да се случат денес, утре, задутре. Како општество треба да се бориме секојдневно, но на ниво на стручни лица“, рече Бесими.
Владата вчера преку Фондот за здравствено осигурување обезбеди 2,2 милиони евра за набавка на лекот „трикафта“ за најкритично болните од „цистична фиброза“, откако претходно почина 45-годишниот битолчанец Благојче Илијевски кај кого состојбата беше најкритична. Во земјава има околу 130 лица болни од „цистична фиброза“.