Иранските власти бараат строго почитување на законот за носење хиџаб

Ученички без хиџаб во училиште во Иран

Иранските власти испратија писмо до синдикатите во кое повикуваат на построго спроведување и почитување на задолжителниот хиџаб во продавниците и деловните субјекти.

Како што пренесува Радио Фарда на РСЕ, наредбата била издадена до синдикатите во главниот град врз основа на Законот за хиџаб со цел да се спречи „ширење на културата на неносење хиџаб“.

Во последниве недели, беа објавени и бројни извештаи во кои се вели дека властите затвориле ресторани, кафулиња, а во некои случаи дури и аптеки, во кои сопствениците и менаџерите не ги почитувале исламските закони и задолжителните правила за носењето хиџаб.

Законот за хиџаб во земјата бара од жените и девојчињата постари од девет години да носат шамија на јавно место.

Иран укина смртна казна на тројца демонстранти, на други двајца им ја потврди

Наредбата од властите доаѓа во време кога Иран се соочува со повеќемесечни протести откако 22-годишната Махса Амини почина во септември додека беше во притвор, откако беше приведена од моралната полиција во Техеран за „неправилно“ носење хиџаб.

По смртта на Амини, иранските власти се соочија со низа протести низ земјата.
Како одговор, властите започнаа брутална акција против несогласувањата, притворајќи илјадници луѓе и изрекувајќи строги казни, вклучително и смртна казна, за демонстрантите.