Двајца загинати во Израел откако автомобил влетал во автобуска постојка

Архивска фотографија од нападот во Ерусалим на 27 јануари 2023 година

Шестгодишно момче и дваесет годишен маж загинаа, а пет лица се повредени откако Палестинец удрил со својот автомобил во неколку пешаци во Источен Ерусалим. Полицијата го убила напаѓачот, кој е идентификуван како Хусеин Караку (31), жител на Исавија во источен Ерусалим.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху го опиша инцидентот како терористички напад и нареди засилување на безбедносните сили. Во инцидентот тешко е повреден и братот на шестгодишното дете, јавија дел од медиумите.

„Сите лежеа расфрлани во многу лоша состојба. За наша жал, едно дете не преживеа“, изјави за армиското радио Ариел Бен-Давид волонтер од Брзата помош.

Снимките кои кружат на социјалните мрежи покажуваат како син автомобил удира во столб пред автобуската станица во областа Рамот. Полицијата соопшти дека полицаец кој не бил на должност го застрелал осомничениот вооружен напаѓач, убивајќи го на самото место.

Портпаролот на Хамас, исламистичката група која управува со Појасот Газа, го пофали нападот како „херојска операција“, но не ја презеде одговорноста.

Ултрадесничарскиот израелски министер за безбедност Итамар Бен-Гвир, кој е одговорен за полициските сили во областа, го посети местото на нападот каде што беше пречекан од разгневена толпа која го опколи, извикувајќи „Смрт за терористите!“.

„Ништо не е потешко од пристигнувањето на местото на инцидентот каде што беше убиено дете“, рече Бен-Гвир. „Не еднаш кажав дека сакам да воведам смртна казна за терористите“, додаде тој.

Блинкен во посета на Египет, Израел и Западниот Брег по зголемените тензии

Ова е последен во низата инциденти во Ерусалим. Тензиите се зголемија во анектираниот источен дел на градот по палестинскиот напад на 27 јануари во кој загинаа седум лица. Непријателствата ескалираа во Источен Ерусалим и на Западниот Брег откако Израел минатата пролет ги засили нападите на окупираната територија по серијата смртоносни палестински напади во Израел.