Поништен е повикот за субвенционирани летови од двата аеродрома во државава и ќе биде распишан нов. Комисијата за евалуација на понудите што на повикот ги доставија авиокомпаниите „Виз ер“, „Луфтханза“ и „Ејџиан ерлајнс“ констатирала дека не ја доставиле пропишаната комплетна документација и го поништила повикот, соопшти попладнево Министерството за транспорт и врски.
Оттаму очекуваат во најбрз врменски период Комисијата да распише нов јавен повик за финансиска поддршка за нови авиолинии за период 2023-2025 година.
Целта е да се поттикне и развива воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија и да се овозможи поголем број на дестинации за граѓаните, стои во соопштението на министерството.
Хаос на аеродромите - авиоиндустријата ги трпи последиците од пандемијата
Со поништениот повик, што траеше од 20 декември лани до 26 јануари годинава, за разлика од претходните, можеа да се изберат повеќе авиокомпании што ќе добијат субвенции за нови авиолинии.
Се предвидуваше да се доделува субвенција од седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром „Скопје” и од 4,5 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од аеродромот „Св. Апостол Павле” – Охрид.
За годинава се предвидени 1,1 милион евра за финаниска поддршка за нови авиолинии. На 1 март минатата година заврши последниот од трите договори за субвенционирани летови со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер”.