Неколку високонапонски објекти низ Украина беа погодени од руски ракетни напади изутрината, соопшти украинскиот државен оператор „Укренерго“. Се прецизира дека биле погодени неколку објекти во источна, јужна и западна Украина, што предизвикало прекин во снабдувањето со електрична енергија.
Експлозии биле забележани и во главниот град Киев и околниот регион. Москва ги засили своите напади на југот и истокот на Украина и сирените за воздушни напади се вклучија низ поголемиот дел од земјата.
Секретарот на градскиот совет на Запорожје, Анатолиј Куртиев, рече дека градот бил погоден 17 пати во еден час, што, според него, го прави најинтензивниот период на напади од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година.
Во Харкив, властите сè уште се обидуваат да се утврдат информации за жртвите и обемот на уништувањето.