Граѓаните да не отвораат електронски пораки пратени во име на МВР со кои се повикува примачот да ги контактира преку вибер линк поради појавување на суд за сторено кривично дело, предупредуваат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Деновиве велат дека до нив стигнале повеќе пријави од граѓани, кои примиле електронска порака во име на министерот за внатрешни работи, каде стоело дека во соработка со полициската канцеларија на Европол, треба да се јават на суд за низа измислени кривични дела. Притоа, примачот на пораката се повикувал да го контактира испраќачот преку вибер линк.
Целта на ова велат дека е крадење лични податоци.
„Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани. Исто така, предупредуваме да не отварате линкови и датотеки кои се испратени во прилог на е-маил пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Сметаат дека се работи за меѓународна измама, бидејќи вакви пораки биле испраќани и во регионот.