ФЗО: Нема излевање податоци надвор од базите при сајбер нападот

Илустративна фотографија

Техничките тимови работат, нема излевање на податоци надвор од базите на институцијата, информираа од Фондот за здравствено осигурување каде веќе трет ден поради сајбер напад останаа нефункционални дел од ИТ системите.

Од ФЗО велат дека сајбер нападот се случува непосредно пред планираната миграција на системската инфраструктура, а приоритет даваат на враќање во функција на системот за исплата на плати на здравствените работници, како и за другите форми на исплата односно боледувањата, породилното и рефундациите.

Видете и ова: Зачестените сајбер напади на државни сајтови го вклучуваат црвениот аларм

Во соопштението велат дека постапиле на забелешките од ревизорскиот извештај од 2021, каде се забележува дека системот е несигурен, па лани отпочнале постапка за јавна набавка за изнајмување на приватен облак за примарен и секундарен податочен центар во Фондот и миграција на апликации и податоци.

Договорот, појаснуваат оттаму, е склучен лани во декември, а избраната компанија започнала со работа од 1 јануари годинава. Според планот, првата фаза односно миграцијата на системската инфраструктура требало да се реализира во текот на оваа недела, кога всушност се случил нападот.

Од ФЗО вчера соопштија дека пациентите ќе можат и понатаму непречено да се лекуваат на сите клиники како и преку матичните лекари кои можат да вршат прегледи, да издаваат упати и рецепти кои се подигнуваат во аптеките.

Инаку во серверите на ФЗО се личните податоци на сите здравствено осигурени лица во Македонија.