Најсмртоносната епидемија на колера во историјата на Малави уби најмалку 1.210 луѓе, додека вакцините и понатаму се оскудни, а епидемија има во повеќе африкански земји, соопшти денеска Светската здравствена организација.
Јужноафриканската нација се бори со најлошата епидемија на колера досега, со скоро 37.000 пријавени случаи од март 2022 година.
Потврдени случаи веќе се пријавени преку границата, во Мозамбик, додека СЗО соопшти дека го оценила сегашниот ризик од ширење во Малави и во другите соседни земји како „многу висок“.
СЗО наведува дека активното пренесување сега е во тек во 27 од 29 окрузи на Малави, при што земјата забележала зголемување од 143 отсто на бројот на случаи минатиот месец, во споредба со декември.
„Со нагло зголемување на случаите забележани во текот на минатиот месец, стравувањата се дека епидемијата ќе продолжи да се влошува без силни интервенции“, предупреди СЗО во соопштението.
Но, здравствената агенција на ООН истакнува и дека кризата во Малави се случува во време на раст на епидемиите на колера ширум светот, кои ја „ограничија достапноста на вакцини, тестови и третмани“.
Околу 80.000 случаи беа регистрирани на африканскиот континент во текот на целата 2022 година.
„Доколку продолжи сегашниот тренд на брзо растење, тој би можел да го надмине бројот на регистрирани случаи во 2021 година, најлошата година за колера во Африка во речиси една деценија“, соопшти СЗО.
Од почетокот на епидемијата, Малави спроведе две големи кампањи за вакцинација, но поради ограничените резерви понуди само една, од обично препорачаните две орални дози вакцина против колера.
Во ноември ја доби втората серија од речиси три милиони дози од ОН, а минатиот месец портпаролот на Министерството за здравство изјави за АФП дека сите дози биле искористени.
Колерата е акутна бактериска цревна инфекција која се пренесува преку нечиста вода за пиење или храна.
Болеста лесно се лекува со лекови, но ако не се лекува, може да предизвика откажување на бубрезите и смрт поради значително губење на течности.
Соседот на Малави, Замбија, исто така, има пријавено случаи на колера, исто како Бурунди, Камерун, Демократска Република Конго, Етиопија, Кенија, Нигерија и Сомалија.
СЗО соопшти дека сегашните епидемии на колера во Африка се случуваат бидејќи континентот се соочува со екстремни временски настани, конфликти, како и преоптоварени здравствени услуги.