Велика Британија и САД воведоа санкции против седум Руси поради сајбер криминал

Илустративна фотографија

Велика Британија и Соединетите Држави најавија санкции против седум Руси обвинети за водење на озлогласена хакерска банда која започнала сајбер напади бизниси, училишта и болници во двете земји и на други места во светот.

Министерството за финансии на САД соопшти дека седуммината Руси биле водачи на бандата позната како Трикбот, која целела на болници и здравствени центри за време на ковид пандемијата во 2020 година.

Оттаму велат дека Русија е „рај за сајбер-криминалците, каде што групите како Трикбот слободно вршат малициозни сајбер активности против САД, Обединетото Кралство и сојузниците и партнерите“.

Британското Министерство за надворешни работи соопшти дека сајбер-криминалците користеле напади за да добијат околу 33 милиони долари од оние кои биле цел на напади само во Британија.

Видете и ова: Данска го подигна нивото на тревога за сајбер ризик по руските напади

„Криминалците со откупнини конкретно ги таргетираат системите на организации за кои сметаат дека ќе им платат најмногу пари за нивните напади да предизвикаат максимална штета, вклучувајќи и таргетирање на болниците среде пандемијата“, се вели во соопштението.

Извршниот директор на здравствената служба на Ирска и владата на Костарика беа меѓу институциите надвор од Соединетите држави и Велика Британија кои беа цел на групата.

Британија именуваше неколку групи за откуп, вклучително и Трикбот, но и друга позната како Конти, за која рече дека е една од првите групи за сајбер криминал што ја поддржа руската војна во Украина. Оттаму посочуваат дека групите биле одговорни за развој и распоредување на софтвери за напади под исти имиња, но имало и со неколку други имиња.

Двете земји рекоа дека нивната соработка е значајна во напорите да се попречат меѓународните сајбер криминалци.

Видете и ова: Хакeрски напади врз неколку банки во Албанија

Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека Соединетите Држави и Велика Британија „ќе продолжат да работат со други меѓународни партнери за да го разоткријат и попречат сајбер криминалот што произлегува од Русија“.

Грем Бигар, генерален директор на британската Национална агенција за криминал, го нарече „голем значаен момент“ во заедничките напори со Соединетите Држави.

Трикбот првпат беше идентификуван во 2016 година од безбедносните истражувачи. Тој еволуираше од банкарскиот тројанец познат како Дајр, за кој американското Министерство за финансии рече дека го управувале поединци со седиште во Москва за да крадат финансиски податоци.

Министерството за финансии на САД го посочи Виталиј Ковалев за висока личност во Трикбот. Покрај објавувањето санкции против него, на 9 февруари во Окружниот суд на САД во Њу Џерси беше отворено обвинение со кое тој се товари за банкарска измама во врска со злосторствата што се случиле во 2009 и 2010 година, пред неговата вмешаност во Дајр или Трикбот.

Останатите шест лица, Максим Михаилов, Валентин Карјагин, Михаил Искрицки, Дмитриј Плешевски, Иван Вахромејев и Валери Седлецки, работеле во различни капацитети, вклучително и развој на вакви софтвери и перење пари.

Со санкциите се замрзнува секој имот што го имаат седумте лица во јурисдикција на САД, а исто така, се забрануваат сите зделки со поединци во Соединетите држави и Велика Британија.