Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил денеска изјави дека САД го поддржуваат „Отворен Балкан“ како и другите интегративни проекти во регионот. Земјите од балканскиот регион мора да имаат модели на соработка, а проектот „Отворен Балкан“ е многу позитивен, рече Хил за Радио телевизија на Србија. „Ми се допаѓа што беше развиен овде на Балканот, не беше наметнат однадвор. Ние го поддржуваме како и другите проекти за регионална интеграција“, додаде тој, оценувајќи дека за поцелосна економска интеграција има политички предизвици на „наследени проблеми и недоверба“.
Видете и ова: Ковачевски – Вучиќ – Рама: „Отворен Балкан“ дава резултати„Би рекол дека овде има многу историско наследство, повеќе отколку што е потребно, мораме да најдеме начин да го надминеме“, рече Хил. „Отворен Балкан“ е регионална иницијатива која има за цел да ја подобри слободата на движење на стоки, услуги и луѓе. Основана е во 2019 година од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерите на Албанија, Еди Рама и на Северна Македонија, Зоран Заев, под името Мини Шенген. Во 2021 година беше преименуван во „Отворен Балкан“. Досега во рамките на „Отворениот Балкан“ се потпишани билатерални и трилатерални договори, Србија има ратификувано пет, додека Албанија и Северна Македонија не ратификувале ниту еден. Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора се против приклучувањето на оваа иницијатива. Меѓу причините се оценките дека мотивите на тој проект се големи државни проекти и дека иницијативата Отворен Балкан не е врзана за ниту еден стандард на Европската Унија.