Политичари и трактори
СИРИЈА - Повеќе од 298 илјади луѓе во Сирија мораа да ги напуштат своите домови по разорниот земјотрес, соопшти денеска сирискиот министер за локална администрација и животна средина Хусеин Махлуф. Тој рече дека бројот на жртвите од земјотресот досега се искачи на 1 262, а дека 2 258 лица се повредени во деловите на Сирија кои се под контрола на сириската Влада, пренесе Си-Ен-Ен. Сирија денеска побара помош од ЕУ.
МАКЕДОНИЈА - Македонија денеска ја издаде деветтата еврообврзница во вредност од 600 милиони евра, која ќе се искористи исклучиво за финансирање на обврските по основ на стари долгови, кои доспеваат за отплата годинава, информира Министерството за финансии.
EU - Комитетот на министрите на Советот на Европа усвои резолуција за спроведувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од Северна Македонија.
Во препораките до властите во земјава за подобрување на имплементацијата на Рамковната конвенција се наведува дека треба да се преземат понатамошни чекори кон промовирање на интегрирано општество кое се заснова на почит и доверба меѓу различните заедници.
МАКЕДОНИЈА - Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) попладнево соопшти дека пациентите ќе можат да се лекуваат непречено и покрај техничките проблеми и сајбер нападот со кој се соочува институцијата, од којшто се нефункционални дел од ИТ системите.
„И покрај детектираните технички проблеми и нефункционалности на дел од електронскиот систем, пациентите ќе можат и понатаму непречено да се лекуваат на сите клиники како и преку матичните лекари кои можат да вршат прегледи, да издаваат упати и рецепти кои се подигнуваат во аптеките без застој,“ соопшти ФЗО.
УКРАИНА - Меѓународните истражители денеска соопштија дека откриле „силни индикации“ дека рускиот претседател Владимир Путин одобрил употреба на руски ракетен систем во Украина што го собори летот МХ17 на „Малезија ерлајнс“ над источна Украина во 2014 година. Сепак, тие рекоа дека доказите за вмешаност на Путин и други руски функционери не се доволно конкретни за да доведат до кривична пресуда и дека ќе ја завршат истрагата без дополнително гонење, пишува Ројтерс.
МАКЕДОНИЈА - Шеесет и еден процент од 1006-те телефонски испитаници одговориле дека Северна Македонија не е демократска земја, покажуваат резултатите од истражувањето „Еврометар“ кое го спроведе домашната тинк-тенк организација „Евротинк“. Според истото истражување 53 отсто сметаат дека работите во државата се движат во целосно погрешна насока, додека само 9 проценти одговориле дека работите одат во добра насока.
МАКЕДОНИЈА - Најтешко болниот пациент од реткото заболување цистична фиброза, Благојче Илиевски починал. Веста ја потврдија од Здружението за цистична фиброза. Илиевски беше дел од Асоцијацијата која се бори за државата да го набави лекот „Трикафта“.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Обединетото Кралство ќе ја поддржи Украина до крај, изјави британскиот премиер Риши Сунак во обраќањето пред британскиот парламент. Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во Лондон, што е негова прва посета по руската инвазија на Украина минатата година.
МАКЕДОНИЈА - Дојави за поставени бомби попладнево се пристигнати на електронските адреси на 12 средни училишта, неколку трговски центри, МРТВ и Транспортниот центар.
„Денеска околу 13.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронските адреси на 12 средни училишта, како и на МРТВ, Транспортен центар, ГТЦ, Џевахир Сити, ТЦ Ист Гејт, ТЦ Сити Мол е упатена закана за поставена експлозивна направа“, информира Министерството за внатрешни работи.
ГЕРМАНИЈА - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска го критикуваше јавниот натпревар меѓу некои земји за тоа кој може да испорача повеќе и подобро оружје на Украина, велејќи дека тоа му штети на единството меѓу сојузниците. „Ние ја чуваме и ја зајакнуваме оваа кохезија со тоа што прво ги подготвуваме одлуките доверливо - и дури потоа ги пренесуваме“, рече Шолц пред Долниот дом на парламентот на Бундестагот, наведувајќи ја неговата соработка со американскиот претседател Џо Бајден за одлуката за снабдување тенкови на Украина. „Она што му штети на нашето единство е јавниот натпревар кој ќе даде повеќе борбени тенкови, подморници, авиони“, додаде Шолц.
ФРАНЦИЈА - Француските фармери денеска влегоа со стотици трактори во Париз во знак на протест против ограничувањата за пестициди и другите еколошки регулативи за кои велат дека го загрозуваат земјоделското производство во најголемата земјоделска сила во Европската унија. Акцијата уследи по пресудата на судот на ЕУ минатиот месец со која се поништи француската политика со која им се дозволува на одгледувачите на шеќерна репка да користат инсектицид забранет од ЕУ, предизвикувајќи загриженост за натамошно намалување на насадите на репка и затворање на фабрики за шеќер.
ТУРЦИЈА - Земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала денеска ја погоди централна Турција, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар. Земјотресот на длабочина од пет километри со епицентар на 61 километар од турскиот град Адијаман се случи во 11:11 часот по средноевропско време. Десет минути подоцна следеше послаб земјотрес со јачина од 4,7 степени на длабочина од 20 километри со епицентар на 38 километри североисточно од Караманмарас. Во претходните земјотреси загинаа и беа повредени илјадници луѓе.
КИНА - Кина објави дека американскиот претседател Џозеф Бајден го нарушил угледот на Пекинг во неговото обраќање до нацијата со постојано спомнување на конкуренцијата меѓу двете земји. Кина не се плаши од конкуренцијата со САД, но не се согласува. „дека целиот однос меѓу Вашингтон и Пекинг треба да се дефинира само во однос на конкуренцијата“, изјави денеска портпаролката на Министерството за надворешни работи, Мао Нинг.