Повеќе од 298 илјади луѓе во Сирија ги напуштија своите домови

илустрација

Повеќе од 298 илјади луѓе во Сирија мораа да ги напуштат своите домови по разорниот земјотрес, соопшти денеска сирискиот министер за локална администрација и животна средина Хусеин Махлуф .

Тој рече дека бројот на жртвите од земјотресот досега се искачи на 1 262, а дека 2 258 лица се повредени во деловите на Сирија кои се под контрола на сириската Влада, пренесе Си-Ен-Ен.

Видете и ова: Зимските услови и последователните потреси ги отежнуваат спасувачките напори во Турција и Сирија

„Нашата земја не е во состојба да се справи со вакви катастрофи, особено поради загубата на 50.000 градежни машини и опрема поради војната, што ни е очајно потребно во оваа катастрофа“, рече Махлуф на прес-конференција во Дамаск.

Тој посочи дека владата отворила 180 засолништа за раселените лица. На територијата на цела Сирија во разорниот земјотрес што ги погоди таа земја и Турција загинаа најмалку 2 530 лица.

Во меѓувреме, Европската Унија потврди дека ќе испрати помош за Сирија од 3,5 милиони евра. Најавата доаѓа откако Сирија официјално побара помош во рамките на шемата дизајнирана да ги поддржи земјите погодени од природни катастрофи со активирање на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.

Блокот, исто така, објави првична помош од 3 милиони евра за Турција, откако земјата го активира Механизмот за цивилна заштита на ЕУ во понеделникот.