Прекината е истрагата за соборениот малезискиот авион во Украина

илустрација

Меѓународните истражители денеска соопштија дека откриле „силни индикации“ дека рускиот претседател Владимир Путин одобрил употреба на руски ракетен систем во Украина што го собори летот МХ17 на „Малезија ерлајнс“ над источна Украина во 2014 година.

Сепак, тие рекоа дека доказите за вмешаност на Путин и други руски функционери не се доволно конкретни за да доведат до кривична пресуда и дека ќе ја завршат истрагата без дополнително гонење, пишува Ројтерс.

Русија негираше каква било вмешаност во соборувањето на цивилниот патнички авион во кој тогаш загинаа 298 патници и членови на екипажот.

„Истрагата дојде до крај. Откритијата не се доволни за кривично гонење на новите осомничени“, рече обвинителот Дигна ван Боцелаер на прес-конференција во Хаг.

Видете и ова: Холандскиот тим објави нови детали за соборениот малезиски авион

Во ноември, холандскиот суд осуди двајца поранешни руски разузнавачи и еден украински сепаратистички водач за убиство за помагање во организирањето на рускиот ракетен систем БУК што беше користен за соборување на авионот. Тројцата мажи, на кои им се судеше во отсуство, се уште се во бегство.

Во моментот кога авионот беше соборен, украинските сили се бореа со сепаратистите поддржани од Русија во провинцијата Доњецк во источна Украина. Иако Русија го анектира Крим од Украина во март 2014 година, таа негираше воена вмешаност во борбите во Донецк во тоа време.

Но, како дел од изрекувањето на казната за тројцата мажи во ноември, холандскиот суд пресуди дека Русија всушност има „целосна контрола“ врз сепаратистичките сили во Донецк почнувајќи од мај 2014 година.

Обвинителите во средата изјавија дека не можат да ги идентификуваат конкретните војници одговорни за истрелувањето на ракетниот систем што го собори авионот, кој дојде од насока на руската 53-та бригада во Курск.