Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил изјави дека Соединетите Држави инсистираат да се спроведе сè што е договорено во Бриселскиот договор и изрази уверување дека е реално да се очекува формирање на Заедницата на српските општини до крајот на годинава.
„Основното прашање е да се позанимаваме со она што се нарекува Заедница на српски општини (ЗСО), што произлегува од првичниот бриселски договор“, изјави Хил за телевизијата К1, нагласувајќи дека тој апсолутно мора да се спроведе за луѓето да имаат доверба во идните договори, пренесе Бета.
Видете и ова: Дали Косово и Србија конечно ќе постигнат договор?Зборувајќи за рокот за формирање на ЗСО, Хил изјави дека „смета дека се зборува за разумни рокови кога се вели дека тоа е можно до крајот на годината“.
„Сепак, не сум сигурен дека можеме да зборуваме дури и за рокови, но луѓето треба да прават нешто секој ден за да се дојде до решение. Но, мислам дека е реално да се предложи сето тоа да се случи оваа година. Мислам дека оваа година е значајна година и француско-германскиот предлог е позитивен и може да се спроведе“, додаде Хил.
Хил истакна дека решението за косовското прашање е решение за Србија, решение на Балканот, но и решение за Европа, додавајќи дека САД имаат долгорочни интереси во овој континент и овој регион.