Обединетото Кралство ќе ја поддржи Украина до крај, изјави британскиот премиер Риши Сунак во обраќањето пред британскиот парламент.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во Лондон, што е негова прва посета по руската инвазија на Украина минатата година.
Сунак рече дека Британија е водечки европски сојузник на Украина во НАТО. Тој нагласи дека земјата ќе остане обединета со Украина додека не се обезбеди пораз на „неиспровоцираната агресија“ на Путин.
По пристигнувањето во Лондон, Зеленски истакна дека „Обединетото Кралство беше едно од првите што и помогна на Украина“.
„Денес сум во Лондон за лично да му се заблагодарам на британскиот народ за поддршката и на премиерот Риши Сунак за неговото лидерство“, напиша Зеленски на Инстаграм.
Кабинетот на британскиот премиер објави дека британската обука на украинските сили ќе биде проширена и на борбени пилоти и маринци. Најавени се и планови за обука на украински пилоти за управување со борбени авиони според НАТО стандардите, што е клучен услов на Украина.
Во меѓувреме Велика Британија веќе објави дека планира да испрати тенкови „Челинџер 2“ во Украина, а украинските војници ќе добијат обука како да управуваат со нив.
Видете и ова: Западните тенкови „витални“ во обидот на Украина да ги истера руските силиВелика Британија го прошири и списокот на санкции против Русија, вклучувајќи компании кои произведуваат воена опрема и неколку поединци „поврзани“ со рускиот претседател Владимир Путин, објави владата на земјата на 8 февруари.
„Министерот за надворешни работи Џејмс Клеверли денеска одобри нови санкции против руската армија и елитата на Кремљ“, се наведува во соопштението.
Се посочува дека пакетот санкции на Лондон влијае на вкупно шест субјекти кои обезбедуваат воена опрема како беспилотни летала за руската војна во Украина, како и осум физички и едно правно лице поврзани со финансиски мрежи кои помагаат во одржувањето на богатството и моќта меѓу елитите на Кремљ, се додава во соопштението за медиумите.