Сирија побара помош од Европската унија за отстранување на последиците од разорниот земјотрес што ја погоди оваа земја, како и Турција, објави денеска европскиот комесар Јанез Ленарчиќ и ги охрабри земјите-членки на ЕУ да пружат помош. Тој додаде дека е важно да се осигура дека оваа помош оди кај луѓето на кои им е потребна и да не се пренасочува, како и дека ЕУ ќе ја надгледува. Властите во Дамаск се под меѓународни санкции од почетокот на војната во Сирија во 2011 година.
Иако Европејците испратија помош во Турција неколку часа по земјотресот во понеделникот на барање на земјата, прашањето за испраќање помош за Сиријците, особено во зоната Идлиб во северозападниот дел на земјата, под контрола на бунтовниците, се покажа посложено. Еврокомесарот рече дека на Сирија и е потребна помош за спасување на луѓето затрупани под урнатините, но и лекови и медицинска опрема и итна помош во храна. Тој посочи дека земјотресот само ја влошил и онака драматичната хуманитарна ситуација по десет години војна во Сирија. Бројот на загинати во земјотресот што ги погоди Турција и Сирија се искачи на повеќе од 11.200, покажуваат најновите официјални податоци објавени денеска. Белите шлемови, спасувачка група во зоната на бунтовниците во Сирија, денеска ја повикаа меѓународната заедница да испрати тимови да им помогнат во трката со времето за да ги спасат луѓето заробени во урнатините.
Видете и ова: УНЕСКО нуди помош за оштетеното светско наследство во Турција и СиријаДосега, повеќе од 2.500 смртни случаи се регистрирани во Сирија, а околу половина од нив во областите под контрола на бунтовниците на северот, блиску до Турција, каде што живеат околу четири милиони луѓе. Помошта стигнува до тие зони преку само еден премин од Турција, но според ОН, патот што води до тој премин од Турција е оштетен, што привремено ги прекинува спасувачките операции. САД вчера соопштија дека ќе соработуваат со локалните невладини организации во Сирија за да им помогнат на жртвите од земјотресот, отфрлајќи каква било поврзаност со владата во Дамаск.