Од Благоевград до Газиантеп

МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Неколку лица се приведени за оштетувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров“ во Благоевград, велат од МВР за РСЕ, откако, како што додаваат оттаму, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера покренал иницијатива до неговиот бугарски колега Иван Демерџиев за расчистување на случајот.

РУСИЈА - Најмалку пет лица загинаа денеска во експлозија на гас во зграда на пет ката во градот Јефремов, кој се наоѓа јужно од руската метропола Москва, соопштија локалните власти на регионот.
„Досега се спасени седум лица, за жал пет лица загинаа“, информираа од итната служба и оттаму додадоа дека спасувачките тимови продолжуваат да бараат преживеани или тела на местото на настанот.

УКРАИНА - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус кој беше во ненадејна посета на Киев најави денеска дека Украина ќе добие повеќе од 100 борбени тенкови од постариот тип Леопард 1 од неколку европски земји.
„Бројот на тенкови е доволен за опремување на најмалку три баталјони“, рече Писториус без да ги именува земјите освен Германија кои ќе ги испратат тенковите Леопард 1.

ЕУ - Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел оцени дека Русија води агресивна војна на два фронта: на бојното поле и на информативниот простор и „се обидува да ги освои срцата и умовите на луѓето“.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот Фејсбук профил најави дека сите полициски службеници кои во саботата се погрижиле за достојно чествување на 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, ќе бидат наградени со 10 проценти од основната компонента на платата на работникот.

ЦРНА ГОРА / КОСОВО - „Ги разбираме амбициите на Косово да стане членка на Советот на Европа, да добие статус на кандидат за Европската унија и тоа силно го поддржуваме“, изјави денеска претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ по средбата со претседателката на Косово Вјоса Османи.

МАКЕДОНИЈА - Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари денеска изјави дека се финализираат преговорите за вклучување на партијата во Владата.
„Ние сме на привршување и можам да кажам дека е постигнат голем дел од договорот, верувам дека денеска или утре договорот дефинитивно ќе биде финализиран и потоа ќе го објавиме јавно, секако и Владата и Алијанса за Албанци“, изјави Таравари.

РУСИЈА - Русија побара од амбасадата на САД во Москва да престане со ширење на она што Москва го смета за лажни вести во врска со нејзината воена операција во Украина и се закани дека ќе ги протера американските дипломати, објави денеска новинската агенција ТАСС. Цитирајќи висок извор од руското Министерство за надворешни работи, ТАСС соопшти дека до амбасадата на САД во Москва била доставена официјална нота во која се предупредува дека американските дипломати вклучени во, како што се наведува, „субверзивни активности“ ќе бидат протерани.

БУГАРИЈА - Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков денеска на прес-конференција соопшти дека секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков во најбрз можен рок ќе добие бугарско државјанство. Пендиков по инцидентот во Охрид при кој се здоби со повреди со бугарски владин авион беше пренесен во Бугарија.

ТУРЦИЈА - Околу 23 милиони луѓе би можеле да бидат погодени од земјотресите што ги погодија југоисточна Турција и северна Сирија, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), ветувајќи долгорочна поддршка. „Мапите на локацијата на земјотресот покажуваат дека 23 милиони луѓе се потенцијално загрозени “, рече претставникот на СЗО Аделхајд Маршанг на прес-конференција. Во серија земјотреси во Турција и Сирија загинаа повеќе од 5.000 луѓе, според новиот официјален биланс на загинати, додека спасувачките тимови и денеска се обидуваат да извлечат преживеани од урнатините.