Неколку лица се приведени за оштетувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров“ во Благоевград, велат од МВР за РСЕ, откако, како што додаваат оттаму, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера покренал иницијатива до неговиот бугарски колега Иван Демерџиев за расчистување на случајот.
Од МВР посочуваат и дека Демерџиев за епилогот денеска го известил министерот Спасовски.
Бугарскиот интернет портал „Нова бг“, претходно јави за случајот се приведени 4 лица и дека станува збор за две жени и двајца мажи и тие моментално се во притвор.
По полициската акција во Благоевград, како што јави медиумот, Демерџиев го информирал Спасовски.
Каменувањето се случи на 5 февруари и притоа беше предизвикана материјална штета. Според бугарските медиуми, кон клубот биле фрлани повеќе камења при што е искршено надворешното стакло.
Организацијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин бара од тамошната полиција да истражи случајот. Клубот беше отворен во октомври лани.
Нападот врз македонскиот клуб во Благоевград се случи еден ден по одбележувањето на 151 годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата свети Спас во Скопје.
Видете и ова: Пендаровски - Најостро го осудува каменувањето на македонскиот клуб во БугаријаОдбележувањето помина под силно полициско обезбедување, но во мирна атмосфера. Сепак, тензично, беше на граничниот премин „Деве Баир“, кога бугарски државјани кои сакале да присуствуваат на одбележувањето на роденденот на Делчев во Скопје не беа пуштени да влезат на македонска територија поради пад на граничниот систем за контрола.
Министерство за внатрешни работи соопшти дека тројца бугарски државјани биле приведени поради нарушување на јавниот ред и мир и недолично однесување со полициските службеници на „Деве Баир“. На тројцата им беше изречена и парична казна во износ од 300 евра и мерка протерување од земјава и забрана за влез во државата за период од три години.