Украина ќе добие над 100 тенкови

Илустрација

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус кој беше во ненадејна посета на Киев најави денеска дека Украина ќе добие повеќе од 100 борбени тенкови од постариот тип Леопард 1 од неколку европски земји.

„Бројот на тенкови е доволен за опремување на најмалку три баталјони“, рече Писториус без да ги именува земјите освен Германија кои ќе ги испратат тенковите Леопард 1.

Тие треба да бидат испорачани до првиот или вториот квартал на 2024 година. Писториус, кој ја презеде функцијата министер за одбрана пред помалку од три недели, се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски и министерот за одбрана Олексеј Резников за време на неговата посета.

Видете и ова: Путин: Повторно ни се закануваат со германски тенкови

Германската влада минатата недела соопшти дека одобрила извоз на борбени тенкови Леопард 1 во Украина. Леопард 1 не се толку напредни како Леопард 2 што Германија и другите земји ветија дека ќе ги испратат во Украина минатиот месец, откако САД се согласија да испратат тенкови М1 Абрамс.

Украина побара од своите западни сојузници да и достави потешко оружје за да се спротивстави на руските трупи кои продолжуваат да вршат напади долж линиите на фронтот во источна Украина.