Организацијата на Обединетите нации за образование, култура и наука - УНЕСКО денеска соопшти дека е подготвена да обезбеди помош откако две места во Сирија и Турција кои се на листата на светско наследство беа оштетени од разорниот земјотрес кој ги погоди државите. Покрај штетите на стариот град Алепо, Сирија и на тврдината во југоисточниот турски град Дијарбекир, УНЕСКО соопшти дека може да бидат загрозени уште најмалку три други топоними.
„Нашата организација ќе обезбеди помош во рамките на својот мандат“, рече генералниот директор Одри Азулеј.
Во соопштението на УНЕСКО се наведува дека партнерските организации веќе извршиле првично истражување за штетите од земјотресот што се случи пред зори во понеделникот. Посебна загриженост беше изразена поради стариот град Алепо, кој од 2013 година се наоѓа на листата на загрозено светско наследство поради граѓанската војна во Сирија.
„Во цитаделата е забележана значителна штета. Урната е западната кула на стариот градски ѕид и ослабени се неколку објекти“, се наведува во соопштението.
Видете и ова: Граѓаните донираат топла облека, спасувачките тимови тргнаа за ТурцијаАлепо се смета за еден од најстарите населени градови во светот, со пазари, џамии, сараи и јавни бањи. УНЕСКО, исто така, изрази жалење поради „рушењето на неколку згради“ на светското наследство на тврдината Дијарбакир и соседните градини Хевсел во Турција. Беше нагласено дека целата област била важен центар за римскиот, сасанидскиот, византискиот, исламскиот и отоманскиот период.
Бројот на загинати во големиот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија денеска се искачи над 5.000, покажаа официјалните податоци, а спасувачките тимови сè уште трагаат по преживеани под урнатините.