ОН: ова е најсилниот земјотрес во Турција од 1939 година

Турција, земјотрес, 07.02.2023.

Обединетите нации објавија дека земјотресот со јачина од 7,8 степени кој ја погоди Турција беше најсилниот во таа земја во повеќе од 80 години. „Ова е најсилниот земјотрес регистриран во Турција од 1939 година“, се вели во извештајот објавен од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања. Во извештајот се наведува дека тимовите за одговор при итни случаи од Обединетите нации за проценка и координација при катастрофи, Меѓународната советодавна група за пребарување и спасување и тимовите за итна медицинска помош на Светската здравствена организација се мобилизирани во Турција за да помогнат во хуманитарниот одговор.

Видете и ова: Продолжуваат спасувачките напори по земјотресите во Турција и Сирија

„ОН и партнерите внимателно ја следат ситуацијата на теренот и работат на мобилизирање ресурси за итни случаи во регионот“, се наведува во извештајот. Турција вчера беше погодена од два силни земјотреса со јачина од 7,8 и 7,5 степени. Над 5.000 луѓе загинаа во серијата земјотреси во Турција и Сирија, додека неколку илјади се повредени или останаа без покрив над главата.