Урнатини, ракети, свештеници, шпиони...

МАКЕДОНИЈА - Владата, на вонредна седница, донесе одлука за испраќање спасувачки тимови и опрема, како и помош за настраданите од разорниот земјотрес во Турција.
Во серијата земјотреси во југоисточна Турција, кои ја погодија и северна Сирија досега загинаа над 4000 луѓе, а над 8000 се повредени. Се очекува бројот на загинати да расте како што ќе се расчистуваат урнатините. Во земјотресот се повредени и двајца македонски ученици кои биле таму преку размена на ученици.

ЗАМБИЈА - Судот во Ндола, Замбија денеска го отфрли обвинението против хрватските државјани за трговија со деца и тие мора да ја напуштат земјата во рок од 48 часа, потврди хрватското Министерство за надворешни и европски работи. Четири двојки од Хрватска беа уапсени на почетокот на декември на аеродромот во Ндола, третиот по големина град во Замбија, под сомнение за трговија со луѓе, односно поради сомнение за валидност на документите за посвојување малолетни деца од ДР Конго.

КОСОВО - Косовскиот премиер Албин Курти, по средбата со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак, соопшти дека Косово го прифаќа предлогот на ЕУ за нормализација на односите. Курти во објава на Твитер изјави дека имал добра дискусија со Лајчак.

САД - Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска дека неговата администрација тесно соработува со официјална Анкара, за да може Вашингтон најитно и најефикасно да одговори на последиците од разорниот земјотрес што утринава ги погоди Турција и Сирија.

БУГАРИЈА - Бугарија испраќа три генератори за електрична енергија на три гранични пункта со Македонија, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев. Трите генератори Демерџиев ги најави во саботата за време на престојот во Скопје по повод одбележувањето 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Повод за донацијата е тоа што бугарски граѓани не можеа да ја поминат границата и да му оддадат почит на Гоце Делчев зашто „падна системот“ за проверка на лични документи поради прекин во напојувањето со струја.

ЕУ - Европската комисија (ЕК) денеска предложи да обезбеди до 100 милиони евра макрофинансиска помош за Македонија. Во соопштението се наведува дека ЕК застанува до Македонија во тешки времиња, зашто по руската инвазија врз Украина, надворешниот баланс на земјава се влошил поради големата зависност од увоз на горива и струја, како и дека годинава доспеваат за враќање големи суми.

СОМАЛИЈА - Најмалку 34 лица загинаа, а 40 се повредени во судирите во северниот отцепен регион Сомалиленд во Сомалија, соопштија денеска лекарите од јавната болница во градот Ласкануд во тој регион.

МАКЕДОНИЈА - Сакаме да придонесеме за отстранување на сите пречки на патот на Северна Македонија кон ЕУ, изјави денеска во Скопје унгарската претседателка Каталин Новак на заедничката прес - конференција со нејзиниот домаќин, претседателот Стево Пендаровски.

русија - Рускиот патријарх Кирил, силен поддржувач на претседателот Владимир Путин, работел за советското разузнавање додека живеел во Швајцарија во 1970-тите, објавија швајцарските весници, повикувајќи се на декласифицирани архиви. Според неделниците Sonntagszeitung и Le Matin Dimanche, досието на швајцарската полиција за човекот кој денес служи како духовен поглавар на Руската православна црква „потврдува дека „монсињор Кирил“, како што се нарекува во овој документ, работел за КГБ.

ГРЦИЈА - Атина денеска е покриена со снег, што предизвика прекин на сообраќајот и затворање на училиштата. Во главниот град на Грција, кој не е навикнат на сурови зими, училиштата и градинките денеска ќе бидат затворени поради невремето „Барбара“, кое за време на викендот го зафати северниот дел на земјата. Владата ги повика жителите да се движат помалку и да работат од дома бидејќи сака да избегне повторување на хаосот предизвикан од обилните снежни врнежи минатата година. Услугата на метрото до меѓународниот аеродром во Атина, кој се наоѓа на околу 30 километри источно од центарот, е прекината. Затворен е и патот кој води до аеродромот.