Европската комисија (ЕК) денеска предложи да обезбеди до 100 милиони евра макрофинансиска помош за Македонија. Во соопштението се наведува дека ЕК застанува до Македонија во тешки времиња, зашто по руската инвазија врз Украина, надворешниот баланс на земјава се влошил поради големата зависност од увоз на горива и струја, како и дека годинава доспеваат за враќање големи суми.
„Предложената помош ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи. Денешниот предлог ја придружува 24-месечната програма за поддршка склучена со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), до 530 милиони евра“, се наведува во соопштението.
Помошта ќе биде во форма на заем и ќе се исплати во две транши. Исплаќањето ќе биде условено од спроведувањето на реформите во фискалното управување, даночната политика, јавните инвестиции, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупцијата, како и на други полиња.
Предложената помош треба да биде одобрена од Европскиот парламент.
Помошта ја најави шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен при посетата на Скопје во октомври минатата година.
Станува збор за средства од пакетот што ЕК го воспостави во време на ковид – кризата. Македонија во 2020 и 2021 година година користеше 160 милиони евра маркофинансиска поддршка од ЕУ за справување со економските последици од коронавирусот.