Германија ќе го дуплира бројот на работни визи за Западен Балкан

Илустрација, работник во фабрика

Германија планира двојно да го зголеми бројот на работни визи за луѓето од Западен Балкан. Се очекува квотата за странци од Западен Балкан да се зголеми од сегашните 25.000 годишно на 50.000, јавува германскиот медиум Дојче веле.

Германските синдикати предупредуваат на можноста странските работници да се злоупотребат како евтина работна сила на своја штета, но и на штета на другите работници.

Од Конфедерацијата на германските синдикати, Евелин Редер, предупредува дека работниците мигранти во голема мера зависат од работодавецот за кој работат, бидејќи нивното работно место е поврзано со нивната дозвола за престој, што предизвикува страв дека ќе бидат вратени назад доколку се непослушни.

Таа смета дека вработување на странски работници треба да им се дозволи само на компаниите кои имаат колективен договор.

„Освен тоа, работниците мигранти често пати не зборуваат германски јазик и не се информирани за своите права, па се согласуваат со услови за работа кои се полоши од пропишаните со закон“, вели таа.

Видете и ова: Државата извезува домашни, а ќе мора да увезува странски работници

Германската влада најави дека планира да ја либерализира легислативата за трудова миграција поради постојаниот недостаток на работна сила во земјата. Со либерализацијата ќе биде опфатен и пакет наречен „западнобалканско правило “ за кој ќе се расправа на 1 март.

Во него се предвидени две измени. Правата е да се укине ограничувањето на важноста на оваа мерка до крајот на 2023 година, односно тоа во иднина да стане трајно. Додека втората измена предвидува квотата за работници од Западен Балкан се очекува да се удвои.

„Западнобалканското правило“ беше воведено по големиот бегалски бран во 2015 и 2016 година, а целта беше да се решат два проблема: спречување на неконтролираното доаѓање на барателите на азил и ублажување на недостигот на работна сила.