Од Министерството за внатрешни работи денеска соопштија дека на граничниот премин Деве Баир биле приведени тројца бугарски државјани Г.З (35),А.Х(50)и Р.Х(54) за нарушување на јавниот ред и мир.
Тие „најпрво вербално, дрско и недолично со најпогрдни зборови се однесувале а потоа се обиделе и физички да ги нападнат полициски службеници кои преземале службени дејства,при што се приведени и се работи на целосно расчистување на случајот“, наведоа од МВР.
Сите гранични премини неколку часа не дозволуваа премин на македонска територија бидејќи не беше во функција системот за контрола. Откако дефектот беше отстранет, од МВР информираа дека истиот е оспособен за функција и се пропуштаат возила за влез и излез од земјава.
На граничниот премин „Деве Баир“ група на бугарски граѓани чекаа да влезат на македонска територија за да му оддадат почит на револуционерот Гоце Делчев на одбележувањето на 151 годишнината од неговото раѓање.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тие се организирани со автомобили од страна на бугарската фондација „Македонија“. На фејсбук профилот на претседателот на фондацијата, Виктор Стојанов беше објавено видео на кое се гледа како бугарските државјани се расправаат со македонската полиција и бараат да ги пушти да ја преминат границата.
Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев изјави дека се очекува околу 100-150 бугарски државјани да пристигнат во Скопје. Тој посочи и дека очекува да се исполнат ветувањата на македонските власти дека бугарските граѓани кои сакаат да дојдат во Скопје ќе бидат примени непречено. Под засилени безбедносни мерки денеска во Скопје се одбележува 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.