Полицијата почна да пропушта мали групи на граѓани кои се дојдени на скопското Кале за да оддадат почит на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев. До ова дојде откако заминаа политичките делагации кои според протокол за настан од висок ризик беа под засилено полициско обезбедување.
На барикадите се останати уште 50-тина граѓани кои чекаат полицијата да ги пропушти до црквата. Претходно полицијата не дозволуваше пристап до црквата Св. Спас и улиците беа затворени.
Видете и ова: Мицкоски: Срамота е да бидеме робови во својата државаЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по положувањето цвеќе на гробот на Делчев изјави дека е срамота ова што денеска се случува со толкаво полициско обезбедување да не можат граѓаните слободно да оддадат почит на еден великан како Гоце Делчев.
„ Срамота е ова денеска што ни се случува, да бидеме робови во својата држава, да бидеме заробеници кои ги држат во кафези, и кои што не можат во 21 век во слободна Европа да оддат почит на великанот, на човекот кој што Титан за македонската држава“ изјави тој.
Според него ова што денеска се случува е примитивна естрадна политика.
Претходно под силно полициско обезбедување македонскиот државен врв денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас. На чествувањето на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев како дел од државната делегација присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и делегација на Собранието.
„ Идеалите на големиот визионер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, се разбран аманет и патоказ за политиките на Владата на Република Северна Македонија, поставени на дијалогот и на почитувањето, како врвни културолошки и цивилизациски придобивки“, се вели во владиното соопштение.
Панихида оддржа поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан кој зборуваше за делото на македонскиот револуционер. По завршувањето на панихидата, македонската државна делегација си замина.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Одбележувањето на годишнината до раѓањето на револуционерот доаѓа во време кога односите меѓу Бугарија и Македонија дополнително се затегнаа со низа настани, како претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски дека „Македонија е бугарска“, па кусото повлекување на бугарскиот амбасадор од Скопје и последното, тоа што бугарскиот Парламент, пред да се распушти во пресрет на изборите, изгласа декларација за осуда за насилството врз македонските Бугари.