Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со партиска делегација од пет члена оддадоа почит на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Со нив на Кале пристигнаа и стотици поддржувачи и симпатизери на партијата со транспаренти кои останаа зад полицискиот кордон.
Мицкоски изјави дека е срамота ова што денеска се случува со толкаво полициско обезбедување да не можат граѓаните слободно да оддадат почит на еден великан како Гоце Делчев.
„ Срамота е ова денеска што ни се случува, да бидеме робови во својата држава, да бидеме заробеници кои ги држат во кафези, и кои што не можат во 21 век во слободна Европа да оддат почит на великанот, на човекот кој што Титан за македонската држава“ изјави тој.
Според него ова што денеска се случува е примитивна естрадна политика. Тој вели дека се почусвтвувал разочаран додека чекорел низ две барикади поставени на контролен пункт под Калето до црквата.
„Ние да се зближуваме, наместо да се зголемува нашето пријателство ние денеска за жал сме подалечни од кога било во нашата историја. Пред 68 месеци кога дојдоа на власт тие ветуваат живот, дека ќе ја однесат во Европа, а ние денеска во однос на корупцијата сме рамо до рамо со Тунис и Индија а во сите останати параметри сме последни на Балканот, и за жал никогаш подалечни од нашите соседи. Денеска има безбедносни мерки од прв степен, хеликоптери надлетуваа како во воените времиња, “изјави Мицкоски.
Тој вели дека се надева оти денот ќе заврши со можност на сите кои сакаат да се поклонат во црквата Св. Спас на гробот на Гоце Делчев. Пред црквата Свети Спас, односно пред безбедносната зона има собрано околу 500 граѓани
Претходно под силно полициско обезбедување македонскиот државен врв денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас. На чествувањето на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев како дел од државната делегација присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и делегација на Собранието.
Панихида оддржа поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан кој зборуваше за делото на македонскиот револуционер. По завршувањето на панихидата, македонската државна делегација си замина.
Во очекување е денеска да пристигнат и бугарскиот министер за надворешни работи Иван Демерџиев и неговиот заменик со цел да положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев. Демерџиев изјави дека околу сто до 150 бугарски државјани се очекува да пристигнат во Скопје на одбележување на раѓањето на Гоце Делчев, јавува бугарската новинска агенција. Тој изјавил дека очекува дека ќе бидат исполнат ветувањата на властите во земјава дека без никакви проблеми ќе бидат пуштени бугарските државјани, кои сакаат да дојдат во Скопје.
Видете и ова: Стотина граѓани бараат полицијата да ги пушти до црквата Св. СпасПолицијата ги затвори улиците кои водат до местото каде што е погребан Гоце Делчев, уште во четвртокот вечерта.
Одбележувањето на годишнината до раѓањето на револуционерот доаѓа во време кога односите меѓу Бугарија и Македонија дополнително се затегнаа со низа настани, како претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски дека „Македонија е бугарска“, па кусото повлекување на бугарскиот амбасадор од Скопје и последното, тоа што бугарскиот Парламент, пред да се распушти во пресрет на изборите, изгласа декларација за осуда за насилството врз македонските Бугари.