Стотина граѓани бараат полицијата да ги пушти до црквата Св. Спас

Стотина граѓани насобрани на пунктот под Кале

Стотина граѓани со знамиња со сонцето од Вергина денеска се собрани на контролниот пункт под Кале, каде што полицијата не ги пушта да поминат. Тие бараат пристап до црквата Св. Спас каде што денеска се одбележува 151 годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Покрај демонстрантите репортерот на Радио Слободна Европа забележа и претставници на помали вонпарламентарни партии, меѓу кои Страшо Ангеловски и Солза Грчева.

Полицајците кои што се на пунктот велат за РСЕ дека чекаат насоки од надредените кога да ги пуштат кон црквата Св. Спас.

Денешниот настан е окарактеризин како настан од висок безбедносен ризик и на терен е видливо сериозно полициско обезбедување.

Видете и ова: Македонскиот државен врв положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев под силно полициско обезбедување

Во очекување е денеска да пристигнат и бугарскиот министер за надворешни работи Иван Демерџиев и неговиот заменик со цел да положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев. Демерџиев изјави дека околу сто до 150 бугарски државјани се очекува да пристигнат во Скопје на одбележување на раѓањето на Гоце Делчев, јавува бугарската новинска агенција. Тој изјавил дека очекува дека ќе бидат исполнат ветувањата на властите во земјава дека без никакви проблеми ќе бидат пуштени бугарските државјани, кои сакаат да дојдат во Скопје.

Претходно под силно полициско обезбедување македонскиот државен врв денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас. На чествувањето на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев како дел од државната делегација присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и делегација на Собранието.