Македонскиот државен врв положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев под силно полициско обезбедување

Под силно полициско обезбедување македонскиот државен врв денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас. На чествувањето на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев како дел од државната делегација присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и делегација на Собранието.

Панихида оддржа поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан кој зборуваше за делото на македонскиот револуционер. По завршувањето на панихидата, македонската државна делегација си замина.

Се очекува наскоро до Кале да пристигне и делегација од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предводена од лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Попладне се очекува да пристигне и најавениот бугарски министер за внатрешни работо Иван Демерџиев и неговиот заменик Венцислав Катинов.

На скопското Кале не е дозволено да помине никој кој претходно не е акредитиран, и не се дозволува да се помине безбедносниот кордон.

Видете и ова: Силно полициско обезбедување во пресрет на чествувањето на Гоце Делчев

Пред положувањето на цвеќе од државниот врв на медимите им беше ограничено движењето и условите за известување од настанот. Дозволен влез им беше само на снимателите, додека на новинарите не им беше дозволено да влезат во црквата и да го следат настанот.

Ова предизвика расправија меѓу полицајците и новинарите.

Денешниот настан е окарактеризин како настан од висок безбедносен ризик и на терен е видливо сериозно полициско обезбедување.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Полициска контрола на приодите кон Свети Спас

„Се процени дека настанот е од висок ризик, поради тоа што имаше делување на радикални структури од Бугарија, секако поддржани од радикални структури овде, во Северна Македонија. И тоа ги зголеми тензиите до степен да се создава вознемиреност кај граѓаните. Затоа се преземаат и низа на мерки кои, пред се, ќе гарантираат стабилност, зачувување на јавниот ред и мир и најважно достоинствено празнување и чествување на ликот и делото на македонскиот револуционер и великан Гоце Делчев, изјави Спасовски во вчерашното гостувањето на ТВ21.

Засилени полициски патроли утринава има на патарината Романовце на автопатот Куманово-Скопје, јавува новинаската агенција МИА. Од МВР за МИА соопштија дека работат согласно оперативниот план по повод чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Состојбата на терен е мирна.
Изминатите денови на социјалните мрежи имаше повик до граѓаните да ја блокираат патарината.