Меѓу ракетите во Украина и платата на претседателот
МАКЕДОНИЈА - Бугарскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев ќе допатува утре утре во Скопје за да положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“, по повод 151-та годишнина од раѓањето на револуционерот. Како што јави БТА, Демерџиев ќе биде придружуван од неговиот заменик Венцислав Катинов.
МАКЕДОНИЈА - Зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан се меѓу врвните надворешно-политички приоритети за земјава, истакнал вечерва премиерот Димитар Ковачевски во телефонскиот разговор со советникот на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле при што му се заблагодарил за помошта што ја дава САД.
ЕУ - Земјите-членки на Европската унија денеска постигнаа договор за ограничувањата на цените на руските нафтени деривати, пред меѓународното ембарго кое треба да стапи на сила викендов, соопшти Шведска.
УКРАИНА - Европската унија ги призна „значителните напори“ на Украина во последните месеци да напредува кон членство во блокот од 27 нации и го повика Киев да продолжи на тој пат, откако лидерите на ЕУ се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, во знак на поддршка за Украина.
ИРАН - Демонстрантите во неколку ирански градови, вклучително и главниот град Техеран, ги запалија владините транспаренти за годишнината од Исламската револуција во 1979 година. Ова е продолжение на големите протести поради смртта на младата Махса Амини, која почина во полициски притвор.
САД - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја одложи посетата на Кина откако кинески балон беше забележан над Соединетите држави, потврди американски официјален претставник. Кина претходно изјави дека балонот што лета над Соединетите држави е всушност метеоролошки цепелин. Тие исто така изразија жалење што балонот залутал во американскиот воздушен простор.
ИНДИЈА - Полицијата во индиската држава Асам уапси повеќе од 1.800 мажи поради венчавки или склучување бракови со малолетни девојчиња. Со ова, како што рече Химанта Бисва Сарма, главниот министер на оваа источна индиска држава, започна процесот на сузбивање на оваа практика.
МАКЕДОНИЈА - Сите што се недобронамерни, провокатори и го негираат македонскиот народ и држава, нема да влезат во државата, најави премиерот Димитар Ковачевски во пресрет на утрешното чествување на Гоце Делчев, по повод 151-годишнината од неговото раѓање.
МАКЕДОНИЈА - Претседателот на државата Стево Пендаровски и неговиот Кабинет не земаа плата за минатиот месец, бидејќи Министерството за финансии нема дополнителни средства за исплата на платите, потврдија од Кабинетот на претседателот.
МАКЕДОНИЈА - Во СВР Скопје денеска околу 11:40 часот е пријавено дека на електронска адреса на осум средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. „Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираа од МВР. Последните дојави за поставени бомби беа кон крајот на минатата година кога беа евакуирани се 20 училишта од кои 12 во Скопје и 8 во Куманово по новите закани за поставени бомби.
МАКЕДОНИЈА - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница донесе одлука да достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и членовите на централната комисија поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови во периодот од 2020 до 2022 година. Според анализите на ДКСК годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари, што се вложуваат во спортот по разни основи, но АМС нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства.
МАКЕДОНИЈА - Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднесе Предлог закон за амнестија на лицата осудени за настаните од 27 април 2017 година. Како што појасни координаторот на пратеничката група на опозициската партија, овој закон е резултат на иницијативата и заедничката заложба на адвокатите Јанаки Митрески и Драган Пешевски и целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
РУСИЈА - Кремљ денеска ги отфрли како „измама“ извештаите дека директорот на американската ЦИА Вилијам Барнс и понудил на Москва таен мировен договор кој вклучува отстапување на украинска територија на Русија. Запрашан дали Барнс отпатувал во Москва или предложил план со кој Украина отстапува 20 отсто од својата територија, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им рече на новинарите: „Целиот тој извештај е измама“. Наводите, објавени од швајцарскиот весник Ној Цирхер Цајтунг, исто така беа отфрлени од Вашингтон.