Европската унија ги призна „значителните напори“ на Украина во последните месеци да напредува кон членство во блокот од 27 нации и го повика Киев да продолжи на тој пат, откако лидерите на ЕУ се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, во знак на поддршка за Украина.
Зеленски, говорејќи на прес-конференција по денешниот состанок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, повторно притисна преговорите да започнат релативно брзо. Тој посочи дека целта на Украина е да започне преговори оваа година, додавајќи „ова не е само цел, туку голема и главна цел“.
Фон дер Лајен рече дека нема ригидни временски рокови за пристапување на Украина во Европската унија и повтори дека Киев мора да исполни одредени критериуми како дел од притискот за членство.
Во заедничката изјава објавена по состанокот се споменува решеноста на Украина да започне разговори „што е можно поскоро“ без да се даде датум. Исто така се додава дека формалниот преглед на напорите на Киев за исполнување на сет услови за започнување на преговорите за влез, треба да се случи подоцна во текот на годинава.
Украина во јуни доби статус на кандидат за членство во 27-члениот блок.
Сепак, Брисел е цврст на својата позиција дека иако ја поддржува кандидатурата на Украина, земјата ќе треба да спроведе широк спектар на демократски и економски реформи и да ја искорени ендемската корупција пред да може да биде примена во блокот, како и дека процесот на прием може да трае многу години.