Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја одложи посетата на Кина откако кинески балон беше забележан над Соединетите држави, потврди американски официјален претставник.
Кина претходно изјави дека балонот што лета над Соединетите држави е всушност метеоролошки цепелин. Тие исто така изразија жалење што балонот залутал во американскиот воздушен простор.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе ја продолжи комуникацијата со Соединетите Држави за справување со неочекуваната ситуација.
„Цепелинот е од Кина и е од цивилна природа и се користи за метеоролошки и други научни истражувања. Поради влијанието на западните ветрови и ограничената способност за маневрирање, цепелинот отстапил од планираниот курс“, се вели во соопштението.
Американските власти претходно соопштија дека кинески шпионски балон лета над Соединетите држави веќе неколку дена.
САД и Канада следеа балон кој лета на голема височина над Северна Америка и чувствителни воени локации. Пентагон објави присуство на балон во воздушниот простор на САД во четвртокот навечер, а канадската влада на 3 февруари соопшти дека истражува „уште еден потенцијален инцидент“.
На барање на американскиот претседател Џозеф Бајден, Пентагон размислуваше за соборување на балонот, но беше оценето дека тоа ќе претставува ризик за луѓето на теренот, изјави неименуван американски претставник.
„Нема сомнеж дека балонот е од Кина“, додаде тој.
Портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер, рече дека САД и Канада ја следат траекторијата на балонот.
Инаку Блинкен требаше да го посети Пекинг следната недела, за да се сретне со неговиот кинески колега, министерот за надворешни работи Чин Ганг, а беше отворена можноста за средба и со кинескиот претседател Кси Џинпинг.