Од Гоце Делчев до Таравари и Зеленски
ЕУ / УКРАИНА - Европската Унија планира нов пакет санкции против Москва, кои ќе бидат усвоени до годишнината од руската инвазија на Украина на 24 февруари, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„До 24 февруари, точно една година по почетокот на инвазијата, имаме за цел да го воведеме десеттиот пакет санкции“, рече Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
СРБИЈА - Седницата на спрскиот парламент на која се разговара за европскиот план за стабилизирање на односите со Косово трае повеќе од десет часа. Се очекува да трае до доцна во ноќта и веројатно нема да заврши денеска, пренесува балканскиот сервис на РСЕ. Во текот на денот имаше инциденти во Собранието. Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека Србија би можела да стане целосно изолирана и без пристап до европските фондови доколку го отфрли планот на Западот за нормализирање на односите со Косово.
ЧЕШКА - Новоизбраниот чешки претседател Петр Павел, поранешен генерал на НАТО, порача дека не треба да има ограничувања за воената помош за воено разурната Украина, повикувајќи ги сојузниците да покажат поголема храброст.
МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Алијанса за Албанците (AA), Арбен Таравари вечерва изјави дека за неколку дена ќе се знае дали тие ќе станат дел од Владата или не. Оваа работа, тврди тој, не е завршена. АА би можела да поддржи и малцинска влада, но тие, вели Таравари, подготвени се и да преземат одредени одговорности и да раководат со институции.
МАКЕДОНИЈА - Условна казна од четири години доби струшкиот гинеколог Мухамед Асани за давање здравствени услуги во приватна ординација без дозвола за работа. Според одлуката на Судот, Асани не треба да изврши друго дело во наредните четири години, во спротивно ќе треба да одлежи две години затвор.
МАКЕДОНИЈА - Бугарската непрофитна организација Фондација „Македонија“ преку објава на својот официјален фејсбук-профил упати повик до сите Бугари во Скопје да присуствуваат на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев што ќе се одржи в сабота во Скопје.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин на 80-годишнината од решавачката битка за Сталинград изјави дека Русија ќе ја победи Украина.
„За жал, гледаме дека идеологијата на нацизмот во нејзината модерна форма повторно директно ја загрозува безбедноста на нашата земја“, рекол Путин во говорот по повод 80-годишнината од битката за Сталинград, пренесува Ројтерс.
ЕУ - По повод втората годишнина од изрекувањето на пресудата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, високиот претставник на Европската унија, Жозеп Борел, денеска ја повика Русија веднаш да го ослободи од затвор. Со тоа, како што наведува Борел, Русија ќе ги исполни своите обврски според Европската конвенција за човекови права и ќе ја спроведе мерката на Европскиот суд за човекови права со која се бара ослободување на Навални.
УКРАИНА - Украинската војска соопшти дека има јасни знаци дека руските сили се подготвуваат за голем напад на истокот од земјата.
„Непријателот активно спроведува извидување, подготвувајќи се за офанзива во одредени правци“, соопшти Генералштабот на украинските вооружени сили во својот дневен извештај денеска.
МАКЕДОНИЈА - Од почетокот на учебнава година, од кумановските училишта се отпишале 235 ученици, соопштија од општинскиот сектор за образование. Најголем дел од учениците односно 182 биле отпишани поради преселба во друга држава, а дел поради преселба во друга општина.
ФИНСКА / ШВЕДСКА - Финска и Шведска остануваат посветени на приклучување кон НАТО во исто време и покрај противењето на Турција за шведската кандидатура, рекоа премиерите на двете земји во Стокхолм на 2 февруари, пренесува Ројтерс.