Путин: Повторно ни се закануваат со германски тенкови

Рускиот претседател Владимир Путин го посети Меморијалниот комплекс Мамаев Курган од Втората светска војна во Волгоград на 2 февруари 2023 година

Рускиот претседател Владимир Путин на 80-годишнината од решавачката битка за Сталинград изјави дека Русија ќе ја победи Украина.

„За жал, гледаме дека идеологијата на нацизмот во нејзината модерна форма повторно директно ја загрозува безбедноста на нашата земја“, рекол Путин во говорот по повод 80-годишнината од битката за Сталинград, пренесува Ројтерс.

Путин истовремено ја осуди Германија за помошта за вооружување на Украина и повтори дека е подготвен да го искористи целиот руски арсенал, вклучително и нуклеарното оружје, во тој конфликт.

„Мораме уште еднаш да ја одбиеме агресијата на Западот. Тоа е неверојатно, но факт е: повторно ни се закануваат со германски тенкови Леопард. Ние не ги испраќаме нашите тенкови до нивните граници, но имаме средства да одговориме, а тоа нема да заврши со употреба на оклопни возила, тоа мора сите да го разберат“, изјавил Путин.

За Путин е тешко да победи во војната во Украина, но уште потешко да ја заврши

Путин претходно положи цвеќе на гробот на советскиот маршал кој ја надгледуваше одбраната на Сталинград и го посети главниот градски меморијален комплекс, каде со едноминутно молчење им оддаде почит на загинатите за време на битката. Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година под изговор дека се бори против нацизмот.