Европската Унија планира нов пакет санкции против Москва, кои ќе бидат усвоени до годишнината од руската инвазија на Украина на 24 февруари, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„До 24 февруари, точно една година по почетокот на инвазијата, имаме за цел да го воведеме десеттиот пакет санкции“, рече Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Претседателката на Европската комисија подвлече дека „Русија плаќа висока цена, бидејќи казнените мерки ја поткопуваат нејзината економија, враќајќи ја една генерација назад“.
„Меѓу најтешките санкции, кои ги воведе ЕУ по почетокот на воените дејствија, е воведувањето на плафонот на цената на рускиот бензин од 60 долари за барел на почетокот на декември. Тоа веќе ја чини Русија по околу 160 милиони евра дневно“, потенцираше Фон дер Лајен.
Делегација на Европската комисија денеска и утре во Киев
На денешната прес-конференција во Киев, украинскиот претседател повика на повеќе санкции против Русија. Тој оцени дека „забавува“ европската кампања на санкции против и побара таа да се забрза. Тој рече дека разговарал за тоа прашање со Фон дер Лајен.