Вучиќ: не смеам да го откривам француско-германскиот план

Специјална седница за Косово во српскиот парламент. На таа седница е поканет и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека целта на парламентарната седница на која учествува не е да ја префрли одговорноста на парламентот и граѓаните, туку отворено да каже, како претседател, кои се предизвиците со кои се соочува Србија и што му претстои на Србинот. „Доаѓам од чувство на должност да кажам што се случува, за да можат граѓаните да ги проценат последиците од нашите постапки и за што се бориме. Ќе ги истакнам сите најлоши точки од француско-германската иницијатива и нема да кријам ништо, затоа што сакам да бидам одговорен и чесен“, рече Вучиќ пред пратениците.

Видете и ова: Курти - Не е можно формирање моноетничка заедница на Косово

Тој додаде дека во однос на француско-германскиот план „ќе има време за одлуки“, и дека не смее да го презентира целиот план, туку дека ќе го претстави „се што е најлошо за Србија“. Претседателот на Србија рече дека прашањето за Косово трае повеќе од 600 години и дека нема вистински одговори и оти „не се знае дали митот станал реалност или реалноста создала мит“, исто како што не се знае „каде е излезот“. Вучиќ рече дека поважно од се е да се разберат околностите, историскиот момент и временската рамка во која тоа се случува и дека детално ќе им каже на пратениците што се случувало во последните години. Како што е најавено, седницата за Косово ќе трае неколку дена.