Делегација на Европската комисија денеска и утре во Киев

Урсула фон дер Лајен

Делегација на Европската комисија предводена од Урсула фон дер Лајен ќе пристигне денеска во Киев, изјави украинскиот премиер Денис Шмигал. „Се подготвуваме да се сретнеме со делегацијата на Европската комисија предводена од Фон дер Лајен, која ќе пристигне во Киев на 2 февруари. Ќе се одржат важни меѓувладини консултации. Ќе ги споредиме нашите ставови за усогласеноста на Украина со препораките на Европската комисија, ќе го оцениме напредокот и ќе ги разбереме перспективите на нашата заедничка работа“, ja цитираа украинските медиуми изјавата на Шмигал на владиниот состанок во вторникот.

Видете и ова: Вкупно 30 илјади украински војници ќе бидат обучувани во ЕУ

На состанокот ќе се зборува за напредокот кон „индустриски безвизен систем“, поврзување со заедничката роаминг зона на ЕУ и интеграција во платежната зона на еврото, рече тој, наведувајќи: „Ќе се обидеме да се договориме за продолжување на бесцаринскиот увоз на нашите стоки од Европа. Ќе се разговара за сите итни прашања, како што се воената соработка, поддршката на енергетскиот и финансискиот сектор, аспектите на хуманитарната соработка“. Шмихал најави дека утре во Киев ќе се одржи самит со Европската унија, кој ќе испрати „моќен сигнал“ до Москва и светот.