Бугарскиот парламент усвои резолуција за прогласување на геноцид на гладот од времето на Советскиот Сојуз

Скулптура на девојче пред Националниот музеј на холодомор, која содржи бројни документарни материјали за Холодомор во Украина во 1932-1933 година. Киев

Бугарското национално собрание го одобри законот со кој гладот од 1932 до 1933 година предизвикан од политиката на советската влада предводена од Јосиф Сталин се прогласува за геноцид. Во резолуцијата се вели дека секое „негирање, оправдување или потценување на овој геноцид го понижува споменот на милиони луѓе кои загинаа“. Исто така, се повикува последната сабота од ноември да биде прогласена за ден на чест и сеќавање на жртвите од гладот, познат како Холодомор. Членовите на екстремно десничарската партија Вазраждане (Преродба) и парламентарните групи на Бугарската социјалистичка партија (БСП), кои често заземаат проруски позиции, се изјаснија против прогласувањето на резолуцијата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази благодарност до Бугарија што го прогласи Холодомор за геноцид, велејќи на Твитер дека овој потег „комеморира милиони жртви на Холодомор и ја враќа историската правда“. Бугарскиот гест на солидарност „секогаш ќе се памети во Украина“, додаде тој.

Видете и ова: Бугарскиот парламент гласаше за испраќање на голема воена помош во Украина

Киев ја повика меѓународната заедница официјално да го прогласи Холодомор за геноцид додека Украина се соочува со тековната целосна инвазија на Москва. Холодомор се случи кога полициските единици на Сталин ги принудија селаните во Украина да се приклучат на колективните фарми со реквизиција на нивното жито и други прехранбени производи. Историчарите велат дека неуспехот правилно да се соберат посевите во Украина во 1932 година под советско лошо управување е главната причина за гладот. Се проценува дека до 9 милиони луѓе умреле како резултат на егзекуции, депортација и гладување за време на кампањата од времето на Сталин. Потегот на бугарското национално собрание доаѓа шест недели откако Европскиот парламент со големо мнозинство гласаше за признавање на гладот како геноцид.