Соединетите Американски Држави воведоа санкции против 22 луѓе и компани поврзани со Русија. Санкционираните се од повеќе земји, и се дел од глобална мрежа формирана за избегнување на претходно објавените санкции насочени кон руската одбранбена индустрија, соопшти американското Министерство за финансии.
Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии (ОФАК) ги воведе новите санкции на 1 февруари.
Активностите на канцеларијата се дел од стратегијата да се лоцираат обидите ширум светот за избегнување на санкции, да се откријат олеснувачите и да се ограници пристапот на Русија до приходите потребни за војната во Украина, се вели во објавената вест.
Видете и ова: Американски дипломат: санкциите се ефективни за прекин на руската воена машина
„Очајничките обиди на Русија да искористи полномошници за да ги заобиколи санкциите на САД покажуваат дека со санкциите сега е многу потешко и поскапо за рускиот воено-индустриски комплекс повторно да ја снабдува воената машина на Путин“, рече заменик-секретарот за финансии Воли Адејемо.
Мрежата е предводена од рускиот трговец со оружеј со седиште во Кипар, Игор Зименков, кој тесно соработуваше со неговиот син, Џонатан Зименков, во рамките на мрежата за да овозможи руска одбранбена продажба на владите на трети земји, соопшти одделот.
Мрежата била вклучена во проекти поврзани со руските одбранбени капацитети, вклучително и снабдување со високотехнолошки уреди, откако Русија започна инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година, соопшти Министерството за финансии на САД.